Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека не очекува брз крај на војната во Украина и истакна дека Словачка нема да распореди свои војници во конфликтната земја. Во емисијата „Саботни дијалози“ на словачката телевизија STVR, Фицо рече дека првиот чекор кон мирот е јасно да се стави до знаење дека Украина нема да се приклучи во НАТО.
„Ако јасно кажеме дека Украина нема да биде во НАТО, тоа е првиот предуслов за завршување на војната“, нагласи Фицо, додавајќи дека Украина е измамена од сите кои ѝ ветувале членство во алијансата, а Русија исто така била измамена по ова прашање.
Премиерот потенцираше дека Словачка сепак може да помогне со безбедносни гаранции, на пример преку логистичка поддршка и користење на транспортни патишта, но не и со распоредување војници на терен.
Фицо исто така изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да преговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп би бил најдобар посредник во мировните преговори.
Словачкиот премиер се сретна со Зеленски во Ужгород, на словачко-украинската граница, и го оцени разговорот како „конструктивен, но тежок“. Тој истакна дека, и покрај разликите, дијалогот е клучен за добрососедска соработка, особено по несогласувањата околу нападите врз енергетската инфраструктура и снабдувањето со руски енергетски производи преку украинска територија.
Фицо нагласи дека Украина, во процесот на приклучување кон ЕУ, ќе мора внимателно да ги следи условите поставени од големите земји членки и дека Словачка останува отворена за дијалог и поддршка за европската интеграција на земјата.