Дрон лансиран од Хутите од Јемен денеска го погодил патничкиот терминал на аеродромот Рамона на југот на Израел, соопштија израелските медиуми. Според медицинските служби, едно лице се здобило со полесни повреди од остатоците, додека повеќе други биле третирани поради напади на паника.
Аеродромот Рамона се наоѓа северно од градот Еилат, кој е пристаниште на Црвеното Море. Нападот се случил попладне, без претходно активирање на сирените за предупредување. Израелската армија веднаш го затвори воздушниот простор на југот на земјата, а претходно утрово биле успешно пресретнати три други дронови лансирани од Хутите.
Хутите, кои го контролираат поголемиот дел од Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана, прогласија поморска блокада на Израел поради ситуацијата во Газа. Израел, пак, продолжува да извршува воздушни напади врз цели во Јемен, при што во август беа убиени премиерот и голем број министри во владата контролирана од Хутите.