Илјадници граѓани на Хрватска, најмногу од Славонија, останаа без заштедите откако пропадна пирамидалната шема „XUEX“ организирана преку „EG Investment Group“.
Мамката беше едноставна: „Стабилен принос од 1% со депозит од 1.000 евра, два сигнала дневно и исплата по 52 дена“. Додека првите инвеститори навистина успеале да повлечат средства и дури да заработат двојно, мнозинството учесници синоќа сфатиле дека биле измамени.
Платформата функционирала преку групи на „Telegram“, каде што корисниците споделувале наводни добивки и награди, со цел да привлечат нови учесници.
Иако експерти како математичарот Тони Милун и професорот од ФЕРИТ, Миљенко Шварцмаер, предупредуваа дека станува збор за класична измама, многумина биле убедени во спротивното. „Нема легално инвестирање кое гарантира удвојување на профитот за два месеци“, нагласи Милун пред неколку дена.
Шварцмаер дополнително предупреди дека станува збор за глобален модел на измами познат како „ша жу пан“ (колење свињи), кој потекнува од Кина. Тој најави дека следната фаза ќе бидат нови обиди за измама преку „експерти“ кои ќе нудат враќање на изгубените пари.
Хрватската полиција веќе е запознаена со случајот и се очекува да отвори истрага за пирамидалната шема која остави илјадници граѓани без заштеди.