Зголемени сообраќајни гужви се забележуваат на граничните премини Богородица, Табановце и Меџитлија поради продолжениот викенд и летните патувања, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
На преминот Богородица времето на чекање за излез од државата е околу половина час, додека на Табановце задржувањата за влез и излез достигнуваат од 40 минути до еден час. Слична состојба е и на Меџитлија, каде возачите пријавуваат долги колони и зголемена нервоза меѓу патниците. На останатите гранични премини нема значителни задржувања.
АМСМ истакнува дека на државните патишта сообраќајот се одвива непречено, со суви коловози, но со зголемен интензитет надвор од градските средини. Возачите се повикуваат да ја приспособат брзината, да ги почитуваат сообраќајните знаци и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои ризик од одрони. Најризични се патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.