Иако до локалните избори остануваат уште само неколку месеци, СДСМ сè уште нема официјално соопштено кандидат за градоначалник на Пробиштип. Актуелниот прв човек на општината, Драган Анастасов – Ладич, според информации од извори блиски до партијата, не сака повторно да влезе во трка, свесен за падот на поддршката и сериозните шанси за пораз.
Сепак, зад сцената, партиските кругови вршат притисок врз Анастасов да ја прифати кандидатурата, со цел да ја пополнат празнината која настанува од отсуството на друг подготвен кандидат. Според истите извори, СДСМ на локално ниво се соочува со сериозна криза на кадар – нема друг кој сака да влезе во битка за функцијата, особено со оглед на анкетната предност и теренските активности што веќе ги има ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, кандидатот за градоначалник Тони Тоневски беше официјализиран на 13 јуни. Како позната опција на Пробиштипјани, Тоневски беше градоначалник на Пробиштип од 2009-2017 година. Наспроти сигурниот избор на ДПМНЕ, СДСМ веќе два месеци подоцна сè уште тактизира, оставен без јасна стратегија и со кандидат кој, како што стојат работите, не сака – но можеби ќе мора да се кандидира.