По повод Светскиот ден за борба против хепатитис, Битола стана дел од националната кампања за бесплатен скрининг на хепатитис Б, Ц и ХИВ, како и еластографија – современ метод за проверка на состојбата на црниот дроб. Настанот се одржа со голема посетеност и интерес од страна на битолчани, поради што скринингот продолжи и подолго од првично најавеното време.

Мобилната медицинска единица, која беше поставена во центарот на градот, го овозможи тестирањето целосно бесплатно и анонимно. Настанот беше организиран во соработка со Хепар Центар Битола, Министерството за здравство, скопските клиники за гастроентерохепатологија и инфективни болести, како и со поддршка од Општина Битола, Центарот за јавно здравје и Клиничката болница.

Градоначалникот Тони Коњановски лично ја посети мобилната амбуланта и ја изрази својата поддршка за оваа здравствена иницијатива, истакнувајќи дека превенцијата и раната дијагноза се клучни за здравјето на граѓаните.
Кампањата продолжува и во други градови низ државата со цел подигнување на јавната свест за болестите на црниот дроб, вклучително и црнодробниот карцином, цирозата, замастувањето и ретките болести.