УТРО.мк

Туристичката сезона на Халкидики под очекувањата: Намалена посетеност и потрошувачка

Туристичката сезона на Халкидики под очекувањата: Намалена посетеност и потрошувачка
Vero

Туристичката сезона на Халкидики оваа година бележи значително послаби резултати во однос на претходните години, покажува најновото истражување на агенцијата „Interview“, спроведено за Комората на Халкидики. Анализата опфатила 365 локални бизниси од различна големина, во периодот од јуни до јули 2025 година, и укажува на сериозни предизвици за регионот.

Дури 63% од анкетираните бизниси потврдиле дека бројот на посетители е намален во споредба со лани, додека 27% оцениле дека е на исто ниво, а само 10% бележат зголемување. Главните причини, според бизнисите, се лошата финансиска состојба на туристите (41,4%), високите цени на сместувањето и услугите (29,3%), како и политичката и геополитичката нестабилност (16%).

Загрижува и фактот што 55% од бизнисите потврдиле дека трошењето по посетител е опаднато, а дополнителен аларм е и намалувањето на бројот на домашни (грчки) туристи – нешто што го потврдиле дури 69% од испитаниците.

Претседателот на Комората на Халкидики, Јанис Куфидис, во изјава за грчкиот весник „Етнос“ истакна дека единствен раст се забележува кај супермаркетите, брзата храна и хотелите од високата категорија, особено оние со „all inclusive“ понуди. Тоа, според него, укажува дека туристи со пари постојат, но претпочитаат сместување каде инфраструктурните и логистичките проблеми се решени.

„Халкидики има потреба од итна инфраструктурна обнова. Проблемите со водата, струјата, интернетот и ѓубрето ја намалуваат привлечноста на дестинацијата. Ако не се преземат мерки и ако не се промени менталитетот и кај приватниот сектор и кај државниот апарат, ризикуваме трајно да ја изгубиме конкурентноста“, предупредува Куфидис.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран