Сè повеќе туристи и домашни посетители сведочат дека летувањето во Хрватска станало вистински луксуз, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии и коментари за енормните цени по туристичките места.
Еден посетител на Хвар на „Редит“ објави фотографија од ценовник со забелешка: „Мал Хајнекен 8,5 евра? Рибна порција за двајца 75 до 100 евра? Ова е безумно!“. Тој додаде дека дури и во Париз или Њујорк не се среќаваат такви износи.
Во дискусијата се вклучија и многу Хрвати. Некои го искритикуваа што седнал токму на Хварската рива, каде што цените се највисоки, советувајќи дека на островот постојат и поевтини кафулиња и ресторани. Други пак порачаа дека секој има избор: „Ако е скапо – не одиш. Очигледно има гости што можат да си дозволат“.
Сепак, имаше и практични совети – многумина препорачуваат пијалаци од продавница или брза храна како најприфатлива алтернатива, бидејќи за голем дел од луѓето со просечна плата единствено така е возможно летување без огромни трошоци.