Москва: И Русија има право на веродостојни безбедносни гаранции
Русија се согласува дека секој иден мировен договор за Украина мора да содржи безбедносни гаранции за Киев, но исто така бара и Москва да добие ефикасни и веродостојни гаранции, изјави Михаил Улјанов, претставникот на Русија во меѓународните организации во Виена.
„Многу европски лидери нагласуваат дека идниот мировен договор треба да обезбеди сигурни гаранции за Украина. Русија го прифаќа тој став, но има еднакво право да очекува безбедносни гаранции и за себе“, напиша Улјанов на социјалната мрежа Х.
Тој додаде дека Западот сè уште не понудил конкретни предлози во таа насока, што според него е „сериозна грешка која мора да се исправи“.
„Русија ќе придонесе за тој процес во текот на преговорите. Ваквите гаранции мора да бидат далеку посериозни од озлогласените ветувања од 1990-тите дека НАТО нема да се прошири ни сантиметар кон исток“, нагласи Улјанов.
Тој истакна дека едно од клучните постигнувања на самитот во Алјаска е согласноста на двете големи сили да се насочат кон изработка на долгорочен и стабилен мировен договор, а не кон, како што рече, „сомнителен прекин на огнот што само го одвлекува вниманието од главната цел“.