По 74 години, Палестина за првпат ќе се појави на светскиот избор за Мис Универзум, што ќе се одржи во ноември во Пак Крет, Тајланд.
Честа да ја претставува својата земја ѝ припадна на манекенката Надин Ајуб, која самата ја објави веста.
„Голема чест е да соопштам дека Палестина за првпат ќе има своја претставничка на изборот за Мис Универзум. Јас стапувам на таа сцена не само со титула, туку и со вистината“, напиша Ајуб во својата изјава.
Таа додаде дека во момент кога Палестина поминува низ длабока криза, особено во Газа, чувствува одговорност да го пренесе гласот на својот народ:
„Јас ја претставувам секоја палестинска жена и секое дете чии сила и храброст треба да ги види светот. Ние сме повеќе од нашето страдање – ние сме отпорност, надеж и срцето на една татковина што продолжува да живее преку нас.“
Надин Ајуб е фитнес тренер и консултант за исхрана со живеалиште во Дубаи. Во 2022 година во Манила таа ја освои титулата Мис Земја Вода на изборот за Мис Земја, пренесува Arab News.