Сè повеќе туристи и домашни посетители се жалат дека летувањето во Хрватска станало вистински луксуз, а социјалните мрежи се преполни со фотографии и коментари за високите цени на храна и пијалаци по туристичките места.
Еден Хрват, кој престојувал на Хвар, на „Редит“ објави фотографија од ценовник со коментар: „Мал Хајнекен 8,5 евра? А рибна плата за двајца од 75 до 100 евра? Ова е полудо!“. Тој додаде дека е убеден оти такви цени нема ни во Париз или Њујорк.
Во дискусијата се вклучија бројни Хрвати. Дел од нив му замерија што седнал токму на најскапото место – Хварската рива. „Па оди таму каде што е поевтино. Има и такви кафулиња и ресторани“, коментираше еден од нив. Друг додаде: „Не мораш баш на рива да седиш, на истиот остров има и поевтини опции“.
Сепак, дел од коментарите беа и со оправдување на цените. „Ако е скапо, не одиш таму. Многумина можат да си дозволат, инаку кафулето не би ги држело тие цени“, пишува еден корисник.
Некои туристи пак советуваа поевтина алтернатива – купување пијалаци во продавница или избор на брза храна, што за многумина со просечна плата е единствениот начин да поминат одмор без да потрошат цело богатство.