Ураганот Ерин за само 24 часа од прва категорија прерасна во ураган од петта категорија, со ветрови што достигнаа и до 330 километри на час, јави Националниот центар за урагани, а пренесе CNN.
Со тоа, Ерин влезе во историјата како еден од најбрзо интензивираните атлантски урагани досега забележани. Брзата интензификација, дефинирана како зголемување на силата на ветерот за најмалку 55 километри на час во рок од едно деноноќие, сѐ почесто се случува поради глобалното затоплување и загревањето на океаните.
Иако во саботата накратко ја достигна ретката петта категорија, ураганот потоа благо ослабна, но истовремено се прошири во поголем систем кој сега се движи северно од Карибите низ Атлантикот.
Според прогнозите, Ерин нема директно да погоди копно. Се очекува да мине северно од Порторико и да продолжи кон североисток, движејќи се меѓу источниот брег на САД и Бермудите во текот на следната недела.
Експертите предупредуваат дека ураганот може да се удвои или дури утројчи по големина, предизвикувајќи екстремни услови на океанот низ западниот Атлантик.