Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека рускиот лидер Владимир Путин не е заинтересиран за мир, туку за целосна капитулација на Украина.
– Ако ме прашувате дали Путин сака мир – мојот одговор е НЕ. Тој сака капитулација на Украина, тоа е она што го предлага – рече Макрон по видеоконференцијата на „Коалицијата на волни“.
Тој нагласи дека Европа и САД мора да останат обединети и да го поддржуваат Киев, предупредувајќи дека секоја слабост пред Москва ќе биде основа за идни конфликти.
– Утре одиме во Вашингтон не само да го следиме украинскиот претседател, туку да ги браниме и европските интереси – додаде Макрон.
Од своја страна, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека доколку не се постигне прекин на огнот, ќе мора да се зголеми притисокот врз Русија.