Голем дел од светската интернет инфраструктура е во хаос откако технолошкиот гигант „Cloudflare“, кој обезбедува заштита и инфраструктура за милиони веб-страници, потврди сериозни проблеми во својата глобална мрежа.
Првиот прекин бил забележан околу 12:17 по македонско време, а официјалното предупредување пристигнало во 12:48: „Cloudflare е свесен за проблемот и истражува инцидент кој потенцијално влијае на повеќе корисници.“
Компанијата функционира како посредник помеѓу веб-страниците и посетителите, обезбедувајќи заштита и забрзување на содржината (CDN). Кога нивната мрежа паѓа, корисниците често добиваат грешки како „Error 500“ или „Connection Timed Out“.
Проблемите влијаат и на системите за корисничка поддршка, при што „Cloudflare“ нуди алтернативни канали за корисниците на „Business“ и „Enterprise“ пакети, вклучувајќи телефонска и Live Chat поддршка.
Прекинот е критичен бидејќи „Cloudflare“ штити сè – од мали блогови до големи е-трговски и банкарски платформи. Ефектот веќе се чувствува глобално: веб-страниците се бавни, апликациите се прекинуваат, а дигиталните услуги се недостапни, потсетувајќи колку модерниот свет е зависен од интернет инфраструктурата.























