Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека утре ќе отпатува во Турција за да се обиде „да ги оживее“ мировните преговори и да ја рестартира размената на затвореници со Русија.
„Утре ќе имам средби во Турција. Се подготвуваме за оживување на преговорите и развивме решенија кои ќе ги предложиме на нашите партнери“, објави Зеленски на социјалните мрежи. Тој додаде дека работат и на продолжување на размената на затвореници и враќање на украинските државјани дома.
Зеленски не откри со кои официјални лица ќе се сретне, но извор од Турција потврди дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф ќе ја посети Турција во среда и ќе се приклучи на планираните разговори со украинскиот претседател.
Русија сè уште не реагираше на најавата на украинскиот претседател. Досега во Истанбул се одржале неколку кругови преговори за завршување на руската инвазија на Украина, но тие не донеле значителен напредок. Единствените конкретни резултати се размена на затвореници и репатријација на посмртните останки, при што последната размена се случила во октомври.
Позициите на Украина и Русија за условите за мир, примирје и средба меѓу претседателите остануваат дијаметрално спротивставени.
Зеленски во последните денови посетува европски земји за да побара поголема поддршка од своите сојузници, додека Русија ја бомбардира украинската енергетска инфраструктура пред зимата. Денес се очекува да се сретне со шпанскиот премиер Педро Санчез и со кралот Фелипе VI, ден по посетата на Франција.























