Српските власти спроведоа голема акција во која беше разбиена организирана група осомничена за фалсификување документи, а меѓу приведените се најдоа и двајца припадници на полицијата, дознаваат неофицијални извори.
Групата, според првичните информации, изработувала лажни сертификати, дипломи од средни и високи училишта, универзитетски документи и потврди за положени испити. Со овие незаконски активности наводно заработиле над 132.000 евра.
Двајца полицајци се приведени под сомнение за злоупотреба на службената положба, но сè уште се утврдува нивната точна улога во криминалната шема.
Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека групата е осомничена за заговор за извршување кривични дела, продолжено фалсификување исправа и злоупотреба на службената положба. Во рамки на истрагата биле извршени претреси на повеќе локации низ Србија, при што биле обезбедени докази поврзани со незаконската дејност.























