Британската безбедносна служба MI5 повторно ги предупреди членовите на парламентот за обидите на кинески агенти да прибираат информации и да влијаат на различни активности, пренесува Reuters.
Цел на овие активности се пратениците, а кинеските шпиони се претставуваат како „headhunter-и“ или компании за да воспостават контакт. На двајца пратеници преку LinkedIn им биле понудени „обемни теренски задачи“ во име на кинеската влада.
Претседателите на Долниот и Горниот дом на британскиот парламент изјавија дека MI5 предупредил дека кинеското Министерство за државна безбедност „активно контактира поединци во нашата заедница“.
Британскиот министер за безбедност Ден Џарвис рече дека ова предупредување покажува „прикриен и пресметан обид“ на Пекинг да се вмеша во британската политика. Тој додаде дека владата ќе спроведе план за контраразузнавање за да се соочи со заканата.
„MI5 соопшти дека овие активности ги спроведува група кинески разузнавачи, често под маска на тајни компании и надворешни headhunter-и“, рече Џарвис.
Кинеското амбасадорство во Лондон засега не одговори на барањето за коментар. Последното предупредување следи по извештајот на MI5 од октомври, кој откри дека кинески шпиони објавуваат лажни огласи за работа со цел да привлечат британски експерти и да добијат одредени информации. На онлајн платформи се појавиле илјадници сомнителни огласи.
Во септември, обвинителството ја повлече обвинителната постапка против двајца Британци обвинети за шпионажа за Кина, со образложение дека владата не обезбедила доволни докази за закана по националната безбедност. Неуспехот на случајот предизвика критики од опозициските политичари дека премиерот Кир Стармер го става приоритетот на добрите односи со Пекинг над безбедноста на земјата, што владата го негира.























