Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа одбива да стане технолошки вазал на САД и Кина и ја повика Европската унија да ја развива својата технолошка сувереност.
„Да бидеме јасни, Европа не сака да биде клиент на големите корпорации или големите решенија што доаѓаат од САД и Кина. Сакавме да развиваме свои сопствени решенија“, рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит за технолошка сувереност на Европа.
Тој истакна дека Европа „едноставно одбива да биде вазал“, посебно поради значајното заостанување во технолошкиот сектор, особено во трката за развој на вештачка интелигенција.
Макрон предупреди дека краткорочно постои цена за независноста, бидејќи е потребно повторно вложување, но дека тоа е клучно и дека Европјаните мора да донесат „многу храбри одлуки“. Меѓу тие одлуки, „првиот приоритет“ е „европска преференција“, особено во јавните набавки, за да се овозможи развојот на европските технолошки лидери.
Тој потенцираше дека додека Кина и САД ги користат своите национални предности и преференции, Европа често нема своја преференција и понекогаш дури е фасцинирана од решенија надвор од континентот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порано упати слична порака, повикувајќи ја ЕУ да ја поедностави регулативата и компаниите да инвестираат во дигитална сувереност.
Макрон ги повика сите 27 членки на ЕУ да се ослободат од технолошката зависност на сите нивоа на вредносниот синџир, вклучувајќи критични инфраструктури, облак и софтвер. Тој посочи дека не е прифатливо економската и демократската моќ на Европа да се препушти на седумте американски технолошки гиганти – Alphabet, Amazon, Apple, Meta, Microsoft, Nvidia и Tesla.
Макрон заклучи дека Европа, која во последните години се фокусираше на регулирање на домашните актери, сега мора да се промени и да иновира пред да регулира.























