Унгарската полиција официјално ја забрани ЛГБТК+ Парадата на гордоста, закажана за 28 јуни во Будимпешта, повикувајќи се на нов закон донесен од унгарскиот парламент. Сепак, градоначалникот на Будимпешта, Гергеј Корачоњ, изјави дека манифестацијата ќе се одржи, бидејќи, според него, станува збор за локален настан кој не бара дозвола од властите.
Новото законодавство, усвоено во март од парламентот во кој владејачката десничарска партија Фидес на премиерот Виктор Орбан има апсолутно мнозинство, ѝ овозможува на полицијата да забрани јавни собири на ЛГБТК+ заедницата со цел, како што се наведува, „заштита на децата“. Законот исто така дозволува употреба на камери со технологија за препознавање лица за идентификација на учесниците на ваквите настани.
Градоначалникот против забраната
Либералниот градоначалник Корачоњ, во обид да го заобиколи законот, претходно најави дека парадата ќе биде организирана како локален настан кој не подлежи на регулативите што бараат полициска дозвола. Тој тврдеше дека властите се навремено известени за настанот и дека полициската забрана е „неважечка“.
Во изјава на неговиот официјален профил на Facebook, Корачоњ порача:
„Овој собир ќе се одржи. Забраната од полицијата нема правна тежина, бидејќи станува збор за локално организиран настан кој е уредно пријавен.“
Ситуацијата предизвика нова политичка и правна контроверза во Унгарија, каде што односот на властите кон ЛГБТК+ заедницата и понатаму е тема на интензивни дебати и остри критики од меѓународната јавност.