Од денеска, во Соединетите Американски Држави стапува во сила новата такса од 100.000 долари за петиција за работна виза H-1B. Според Белата куќа, оваа обврска важи само за новите апликации и нема да се применува на постојните носители на визи кои повторно влегуваат во земјата.
„Ова не е годишна такса, туку еднократна такса што се однесува само на петиција“, изјави портпаролката Каролин Ливит во објава на социјалната мрежа X.
Со оваа промена, компаниите кои сакаат да донесат квалификуван странски работник во САД ќе мораат да платат нова такса за секоја поднесена петиција. Од Белата куќа појаснуваат дека новата обврска ќе се применува само во следната рунда на лотарија за визи H-1B, а не за тековните носители на визи или за нивните обновувања.
Претседателот Доналд Трамп ја потпиша извршната наредба со која се воведува оваа такса, со цел – како што се наведува – да се заштитат американските работници кои често се заменуваат со пониско платена странска работна сила.
Мерката предизвика реакции од индустријата, а индискиот надзорен орган „Наском“ предупреди дека таа би можела да влијае врз глобалните операции на технолошките компании кои редовно испраќаат професионалци во САД.