Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против тројца осомничени за изнуда на пари од скопјанец. Според ОЈО, во периодот од 16 до 18 септември, првоосомничениот со сериозни закани принудил жртвата да му исплати 60.000 денари.
Осомничениот се претставил како член на криминална група и побарал 1.000 евра за да го „заштити“ од други лица кои претходно му барале пари. Тој се заканил дека ако пријави во полиција, ќе го убие и ќе му ја запали куќата. Жртвата првично му предала 30.000 денари од банкомат, но веднаш потоа го пријавила случајот во полиција. При второто предавање на парите, кои претходно биле крим-технички обработени, првоосомничениот бил уапсен на лице место.
Истрагата опфаќа уште две лица за кои постои сомнение дека во август и септември изнудувале дополнителни 27.000 евра од истата жртва, тврдејќи дека парите се наменети за „други лица“ и го присилувале да ги плати за да го заштитат него и семејството.
Јавниот обвинител побара притвор за првиот осомничен и мерки на претпазливост за останатите двајца, вклучувајќи задолжително јавување во суд и забрана за приближување до оштетениот и неговото семејство.