
Украински дронови во текот на ноќта извршија масовен напад врз рускиот град Санкт Петербург и Ленинградската област, при што биле погодени градскиот нафтен терминал и пристаништето Висоцк на брегот на Финскиот Залив, соопштија руските власти.
Гувернерот на Санкт Петербург, Александар Беглов, изјави дека градот, во кој живеат околу шест милиони жители, бил цел на координиран напад со беспилотни летала. Според него, погоден бил нафтениот терминал, но нема загинати ниту повредени, а последиците од нападот веќе се санирани.
Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, информираше дека дронови го погодиле и пристаништето Висоцк, кое се наоѓа на околу 170 километри северозападно од Санкт Петербург. Пристаништето има важна улога во транспортот и претоварот на нафта, јаглен, жито и течен природен гас.
Според руските власти, системите за противвоздушна одбрана во текот на ноќта собориле вкупно 72 украински дрона над Ленинградската област.
Во изминатите месеци Украина значително ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура, вклучувајќи рафинерии, складишта за гориво и нафтени терминали, со цел да ја наруши логистиката и снабдувањето со гориво.

















