УТРО.мк

Американците ја предупредиле Полска за можен руски напад, а Туск порача: „Не сакам никого да заплашувам, но…“

Американците ја предупредиле Полска за можен руски напад, а Туск порача: „Не сакам никого да заплашувам, но…“
Vero

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Полска мора да биде подготвена за различни безбедносни сценарија, откако во медиумите се појавија информации дека американските разузнавачки служби ја предупредиле Варшава за можност од руска вооружена провокација.

„Не сакам никого да заплашувам, но пред нас би можеле да бидат навистина клучни месеци. Војната се менува, а загриженоста е особено изразена во балтичките држави“, изјави Туск, пренесува BBC.

Полскиот портал Onet, повикувајќи се на извори блиски до новоизбраниот претседател Карол Навроцки, објави дека САД во повеќе наврати ги предупредиле полските власти за можност Москва да изведе ограничена воена акција со цел да ја тестира подготвеноста на НАТО за одговор.

Според објавите на Onet и британскиот Telegraph, меѓу можните сценарија се споменуваат ракетни или напади со дронови врз полска инфраструктура, па дури и ограничено испраќање руски војници на територија на земја членка на НАТО. Наводната цел на таквите потези би била да се зголеми притисокот врз западните сојузници да ја намалат или прекинат воената помош за Украина.

Белата куќа и американскиот Стејт департмент не ги коментираа овие информации.

Туск порача дека Полска не смее да ги игнорира потенцијалните закани.

„Не треба да живееме во страв, но мораме да бидеме подготвени за различни околности. Свесни сме за ризиците, меѓу другото и благодарение на информациите што ги добиваме од нашите сојузници“, рече полскиот премиер.

Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави дека на претстојниот самит на Алијансата европските членки ќе ја потврдат својата подготвеност за зголемување на инвестициите во одбраната и за продолжување на воената поддршка за Украина.

Во последните месеци и балтичките држави предупредија на можноста од руски хибридни операции, при што литвански претставници оценија дека се поверојатни провокации со дронови или проектили отколку класичен воен напад. Според членот 5 од Северноатлантскиот договор, напад врз една членка на НАТО се смета за напад врз целата Алијанса.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin