
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин дека Костјантинивка во Доњецката област е под руска контрола, оценувајќи дека станува збор за дезинформација.
Во разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Зеленски иронично му упати порака на Путин, велејќи дека доколку градот навистина е под руска контрола, нема да има причина да одбие средба токму таму.
„Тоа, се разбира, не е вистина. Тоа е уште една руска лага создадена само за да привлече внимание“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека, доколку Костјантинивка навистина била освоена од руските сили, Путин би можел таму да се сретне со него за да разговараат за дипломатско решение и завршување на војната.
Во меѓувреме, портпаролот на Генералштабот на украинската армија, мајор Андриј Ковалев, потврди дека поединечни руски пешадиски единици навлегле во делови од градот, но нагласи дека Костјантинивка и натаму останува под контрола на украинските вооружени сили.
Според Ковалев, украинската армија ги задржува своите позиции, го брани градот и спроведува операции против диверзантски групи. Тој истакна дека на 3 јули руските сили извеле 11 напади во тој правец, но без да постигнат успех.
„Непријателот повторно прибегнува кон ширење дезинформации и лаги, вклучително и од највисоките руски функционери“, изјави Ковалев.

















