
Српската полиција во филмска акција во Нови Сад го уапси Ненад Алајбеговиќ (45), познат како Алибег, човек со богато криминално досие кој со години е познат на српската јавност. Во моментот на апсењето тој се криел под лажен идентитет, а бил приведен додека купувал цигари во продавница.
Според информациите од полицијата, Алајбеговиќ бил подготвен да пружи отпор, но оперативците навреме го опколиле и го совладале пред да успее да посегне по оружјето.
При претресот кај него бил пронајден наполнет пиштол „CZ“ калибар 7,65 милиметри со куршум во цевката, 17 куршуми за пиштол, еден куршум за пушка, панцирен елек, дигитална вага со траги од амфетамин и фалсификувана возачка дозвола на друго име.
Алибег е познат и по тоа што преживеал бројни обиди за ликвидација. Минатата година, само четири месеци по излегувањето од затвор, повторно бил цел на вооружен напад во Нов Белград, кога напаѓач испукал рафал кон неговото возило. И покрај нападот, тој останал неповреден.
Во 2020 година бил тешко ранет во ногата и градите, а во јавноста повеќепати изјавувал дека веќе не ги брои обидите за атентат врз него.
Неодамна по него беше распишана потерница поради сомнение за нелегално поседување и носење огнено оружје, по вооружената пресметка во ресторанот „Дурмитор“ во Белград, во која тешко беше ранет негов близок пријател.
Според српските медиуми, криминалната кариера на Алајбеговиќ започнала уште во детството. Првпат бил приведен на само 12-годишна возраст, а подоцна станал еден од водачите на навивачката група „Забранети“, која со години е во конфликт со ривалската група „Алкатраз“. Во тие судири пред 15 години беше убиен и неговиот брат Дејан.

















