Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Русија ја губи војната во Украина и дека претседателот Владимир Путин е пред крај со ресурсите потребни за да ја продолжи агресијата.
„Путин освојува многу малку територија, и тоа со огромна цена. Стотици илјади Руси умираат поради неговата луда агресија, а на Москва ѝ снемува пари, војници и идеи“, изјави Руте.
Тој порача дека сега е моментот да се засили политичкиот и економскиот притисок врз Русија, за да се постигне праведен мир.
Руте ги поздрави новите пакети воена помош од европските сојузници и Канада, како и 19-тиот пакет санкции против Москва.
„Развојот на настаните на терен докажува дека поддршката за Украина функционира. Мора да ја продолжиме и да ја поврземе со санкции и економски притисок“, нагласи тој.































