Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за време на неговата посета на Вашингтон, му порачал на американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел би можел да изведе нови воени напади врз Иран, доколку Техеран продолжи да се приближува до развој на нуклеарно оружје, објави Wall Street Journal повикувајќи се на високи американски и израелски извори.
На средбата што се одржала во понеделник во Белата куќа, додека двајцата лидери седеле еден спроти друг, претседателот Трамп изразил надеж дека САД нема повторно да се впуштат во воздушни напади врз Иран.
„Не можам да си замислам дека би сакал повторно да го направам тоа“, рекол Трамп, според сведоштвото на соговорници присутни на состанокот.
Во приватен разговор, Нетанјаху му појаснил дека Израел е подготвен да продолжи со воени акции ако процени дека Иран е на прагот на нуклеарна способност. На тоа, Трамп одговорил дека иако претпочита дипломатско решение со Техеран, нема да се противи на израелската одлука доколку се процени дека тоа е неопходно.
Извори за Wall Street Journal наведуваат дека овие разговори ја нагласуваат разликата во пристапите на Вашингтон и Тел Авив – САД се потпираат на закани со нови напади како средство за притисок врз Иран да прифати нов договор, додека Израел е длабоко скептичен дека дипломатскиот пат може да го сопре иранскиот таен нуклеарен развој.
Од друга страна, Техеран бара меѓународни гаранции дека нема да биде повторно цел на напади, како услов за продолжување на преговорите со Вашингтон.
Размената на ставови меѓу Трамп и Нетанјаху доаѓа во период на зголемени тензии, по неодамнешните напади врз ирански нуклеарни објекти за кои се верува дека стојат Израел и САД.