УТРО.мк

ВЛЕН обвинува: ДУИ, Левица и Арсовска со координирана стратегија за поттикнување меѓуетнички тензии

ВЛЕН обвинува: ДУИ, Левица и Арсовска со координирана стратегија за поттикнување меѓуетнички тензии
Vero

Политичката коалиција ВЛЕН изрази сериозна загриженост поради, како што велат, координирани обиди за фабрикување меѓуетнички тензии со политичка цел. Во своето соопштение, тие директно ги обвинија ДУИ, Левица и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека стојат зад неодамнешни настани што, според нив, се обиди за предизвикување вештачки конфликти меѓу етничките заедници.

„Настанот со градоначалничката Арсовска е класичен пример на инсцениран инцидент со цел да се сврти вниманието од политичките неуспеси и корупциски скандали на опозициските партии“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН. Тие додаваат дека и физичкиот инцидент меѓу млади лица во Тетово бил намерно „надуван“ од медиуми блиски до ДУИ и Левица, со цел поттикнување страв и поделби.

Дополнително, ВЛЕН ја коментира и фотографијата на која пратеникот на ДУИ, Муса Џафери, седи на иста маса со пратеник на Левица – партија која тие ја нарекуваат „најантишиптарска и проруска“. Тие прашуваат што било договорено на тој состанок и зошто се крие контекстот на средбата.

Во соопштението се споменува и случај со функционер на ДУИ во Шуто Оризари, кој наводно е под истрага за намерно предизвикување пожар. Според ВЛЕН, кај него биле пронајдени запаливи материјали и инкриминирачки докази што укажуваат на потенцијално саботажен акт.

„Сите овие настани не се изолирани инциденти, туку дел од опасна стратегија за провокација, создавање политички алиби и враќање на атмосферата на страв“, предупредуваат од ВЛЕН, апелирајќи до меѓународната заедница и амбасадите внимателно да ги следат случувањата и да спречат злоупотреба на политичките платформи за поттикнување омраза.

ВЛЕН нагласува дека нема да дозволи, како што велат, „криминалните интереси на ДУИ да ги користат Албанците како штит за спас на сопствената корумпирана политичка елита“ и истакнуваат дека ќе продолжат да застануваат на страната на граѓаните, правдата и стабилноста.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран