УТРО.мк

Хакерски напад го парализира српското судство – Министерството презема итни мерки

Хакерски напад го парализира српското судство – Министерството презема итни мерки
Vero

Министерството за правда на Србија целосно го исклучи мрежниот пристап до Дата центарот, како превентивна мерка поради зголемен ризик од хакерски напад што, како што се наведува, може да резултира со бришење или заклучување на бази на податоци и последователна уцена.

„Тоа е превентивна мерка поради зголемениот ризик од злонамерни активности во рамките на целата судска инфраструктура што ги поврзува сите судски и државни системи“, соопшти Министерството, додавајќи дека корисниците ќе бидат навремено информирани за продолжување на работата по стабилизацијата на системот.

Министерството оценува дека станува збор за „очигледен напад врз судството на Србија“, изразувајќи загриженост дека нападите можат да бидат поврзани со моменталната политичка состојба во земјата и со формите на хибридна војна.

Ситуацијата се одвива во контекст на интензивни улични протести и блокади, кои траат со денови, а меѓу барањата на демонстрантите се и одржување вонредни парламентарни избори. Протестите добија на интензитет откако студентите кои со месеци ги блокираа факултетите повикаа на „граѓанска непослушност“ по големиот протест во Белград на 28 јуни.

Студентските протести започнаа по трагичниот инцидент во Нови Сад, кога се урна бетонската настрешница на железничката станица, при што загинаа 16 лица. Властите во Србија овие протести ги нарекуваат обид за „шарена револуција“.

Хакерски напади врз државни институции не се новост за Србија. Во декември 2023 година, „Електростопанство Србија“ беше цел на сајбер напад проследен со уцена, додека во јуни 2022 година, Републичкиот геодетски завод го пријави заклучувањето на целиот систем за недвижности по сличен напад.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран