УТРО.мк

Antonов прелета над Киев: Прв цивилен лет над Украина по 40 месеци војна

Antonов прелета над Киев: Прв цивилен лет над Украина по 40 месеци војна
Vero

Украинскиот транспортен авион Антонов Ан-124 „Руслан“ го прелета Киев во петокот, што претставува прв цивилен лет во украинскиот воздушен простор од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, јави „Kyiv Post“.

Според порталот „AeroTime“, леталото со регистрација UR-82073 летало под ознака ADB9154 и слетало во германскиот Лајпциг, каде што се наоѓа и новото оперативно седиште на компанијата „Антонов“, преместено од Украина поради безбедносни причини.

Летот предизвика изненадување и восхит кај жителите на Киев, кои го снимале авионот и ги споделиле снимките на социјалните мрежи. На една од нив се слуша глас на граѓанин кој со неверување прашува: „Дали навистина е тоа авион?“

Воздушниот простор на Украина е затворен за цивилни летови уште од почетокот на војната, со исклучок на строго контролирани воени и државни летови. Оттука, овој лет на „Антонов“ има и силна симболична вредност. Во првите денови на руската инвазија беше уништен аеродромот Хостомел кај Киев, заедно со легендарниот авион Ан-225 „Мрија“ – најголемиот авион на светот.

Командантот на „Мрија“, Дмитро Антонов, во март 2024 година обвини дел од управата на компанијата дека не направиле доволно за да го спасат авионот, и дека имало луѓе кои „навистина сакале да му помогнат на непријателот во обидот да го заземе Киев за три дена“.

Авионот Ан-124 кој беше снимен над Киев избегнал слична судбина затоа што во моментот на нападот бил на редовен сервис на аеродромот Свјатошин, каде што се наоѓа производствениот погон на „Антонов“.

Иако од компанијата сѐ уште нема официјална изјава, се претпоставува дека леталото ќе ѝ се придружи на флотата на „Антонов“ во Лајпциг и ќе учествува во логистички и транспортни мисии.

Германскиот новинар Јулијан Рёпке од „Bild“ го нарече летот „силен знак на отпор кон Путиновите фантазии за уништување на Украина“. „По 40 месеци, над Киев беше снимен првиот цивилен авион – украинскиот Антонов Ан-124“, напиша тој на платформата X.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран