УТРО.мк

Дали треба да се врати и во Македонија? Хрватска повторно воведува задолжителна воена обука

Дали треба да се врати и во Македонија? Хрватска повторно воведува задолжителна воена обука
Vero

Хрватската влада официјално предложи законски измени со кои повторно се воведува задолжително основно воено оспособување, познато како „воен рок“, што треба да започне од јануари 2026 година. Одлуката доаѓа во контекст на значително изменетата глобална безбедносна ситуација, а според хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, целта е младите генерации да стекнат вештини што речиси две децении се изгубени.

Обуката ќе трае два месеца и ќе се спроведува во три касарни – Книн, Слуњ и Пожега. Ќе бидат опфатени до пет генерации годишно, односно до 4.000 регрути. За време на службата, регрутите ќе добиваат месечен надомест од 1.100 евра, со обезбедена храна, сместување и платен превоз, а служењето ќе се евидентира во работниот стаж. Обуката ќе биде задолжителна за машките државјани, додека жените ќе можат доброволно да се пријават.

За лицата што ќе се повикаат на приговор на совеста, ќе се овозможи цивилна служба преку ангажман во цивилната заштита или во локалните единици, со траење од три до четири месеци и пониски надоместоци. Законот предвидува и бројни социјални и професионални бенефиции за регрутите – од предност при вработување до субвенции за станбени кредити за активните воени лица.

Паралелно со враќањето на обуката, Хрватска усвои и нова стратегија за одбрана и долгорочен план за развој на армијата до 2036 година, со јасна цел за зајакнување на одбранбените капацитети и поактивна улога во рамки на НАТО и ЕУ.

Оваа одлука во Хрватска повторно ја отвора и кај нас прашањето – дали Македонија треба да размисли за враќање на задолжителниот воен рок? Последниот регрут во АРМ беше испратен во 2006 година, по што обуката беше укината. Од тогаш, војската се базира исклучиво на професионален состав и доброволно служење. Сепак, зголемените геополитички тензии и регионалните безбедносни ризици можеби налагаат преиспитување на таа одлука.

Враќањето на воениот рок би можело да значи посилна национална резерва, подобро обучена млада популација и поголема мобилизациска подготвеност, но би повлекло и сериозни финансиски, логистички и кадровски предизвици. За сега, во Македонија ваква иницијатива не е најавена, но примерот на Хрватска нуди конкретен модел кој би можел да се анализира и дискутира во јавноста.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран