Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во своето обраќање на форумот во Дубровник, Хрватска, истакна дека Русија претставува „јасна и непосредна опасност“ и главна закана за евроатлантската безбедност.
Говорејќи на панелот посветен на зајакнување на европските одбранбени капацитети, Шекеринска нагласи дека НАТО не се стреми кон агресија, туку кон силна одбрана. „Алијансата не сака да биде агресивна сила, туку силна и подготвена за одбрана од закани како што се Русија и тероризмот“, рече таа.
Потсетувајќи дека руската агресија врз Украина започна уште во 2014 година, а кулминираше во 2022, Шекеринска порача дека не смее да има наивност и опуштање во односот кон овие безбедносни предизвици.
Таа ја оцени како „историска“ одлуката на самитот на НАТО во Хаг, каде што земјите-членки се обврзаа да ги зголемат буџетите за одбрана на 5% од БДП до 2035 година.
Според неа, оваа заложба треба да се надгради со развој на одбранбената индустрија, заштита на киберпросторот и критичната инфраструктура, како и продолжена поддршка за Украина.
„Ако сакаме да покажеме единство и солидарност, сите мора да ги исполнат своите обврски“, подвлече Шекеринска.
Форумот во Дубровник го збогатија и шест члена на американскиот Конгрес, меѓу кои и конгресменот Мајкл Тарнер, кој испрати јасна порака за американската поддршка на Европа, НАТО и Балканот.
„Ние не си одиме никаде“, истакна Тарнер, додавајќи дека барањето за зголемување на одбранбените трошоци е реакција на реалните закани, а не само идеја на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Тарнер најави и натамошна поддршка за Украина и вложувања во нова воена технологија, како дронови, ракетни системи и конвенционално вооружување.