УТРО.мк

Франкфурт станува ново железничко јадро: Почна изградбата на модерна S-Bahn траса со тунели и подземна станица

Франкфурт станува ново железничко јадро: Почна изградбата на модерна S-Bahn траса со тунели и подземна станица
Vero

Во срцето на Франкфурт започна изградбата на новата подземна траса на Nordmainische S-Bahn, еден од најзначајните инфраструктурни проекти за регионот Рајна-Мајна. Со положување на камен-темелникот, официјално е даден старт на проект вреден над 200 милиони евра, кој треба да донесе суштинско унапредување на јавниот превоз и да придонесе за климатските цели на регионот.

Проектот го изведува швајцарската градежна компанија Implenia, во соработка со германскиот железнички оператор DB InfraGO AG. Новата подземна делница ќе се протега од Констаблервахе до Фехенхајм, вклучувајќи изградба на нова станица – Frankfurt (Main) Ost (tief) – и две дополнителни железнички пруги северно од реката Мајна. Целта е значително да се подобри поврзаноста на источниот дел на Франкфурт со градовите Мајнтал и Ханау.

Подземни тунели во густо урбанизирано подрачје

Проектот опфаќа изградба на две тунелски цевки со вкупна должина од 1,2 километри, како и неколку помошни објекти и ископи. Изведбата ќе се врши со современи машини за тунелирање, а поради комплексната урбана околина и геолошките услови, Implenia ќе примени специјализирани методи за темелење и одржлива градба.

Завршувањето на техничката документација се очекува до крајот на 2025 година, градежните работи ќе почнат во 2026, а завршување на целата делница се предвидува до 2031 година.

„Одржувањето и развојот на функционална транспортна инфраструктура е клучно за одржливиот развој на нашите градови. Горди сме што можеме да дадеме придонес во подобрувањето на јавниот превоз во овој густо населен регион“, изјави Едвин Шерер, директор на градежниот сектор во Implenia.

Сличен мегапроект и во Минхен

Истовремено, Implenia работи и на сличен проект во Минхен – проширување на S-Bahn системот преку изградба на втората подземна градска железничка делница (Zweite Stammstrecke). Во конзорциум со HOCHTIEF, компанијата ќе го гради источниот сегмент на трасата, кој вклучува нова подземна станица München-Ost, две тунелски цевки со должина од три километри и комплексна инфраструктура за поврзување и евакуација.

Овој проект, проценет на неколку стотици милиони евра, ќе започне во јуни 2025 година и треба да заврши до мај 2033. Благодарение на напредните технологии како BIM и Lean Construction, Implenia ќе се справи со предизвиците на градба во срцето на еден од најпрометните железнички јазли во Германија, без прекини во постоечкиот сообраќај.

Со овие два мегапроекти, Implenia го зацврстува своето место како водечки изведувач на клучни транспортни инфраструктури во Европа.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран