Јужна Кореја им нуди по 100 евра на граѓаните за потрошувачка во ресторани
Јужна Кореја се подготвува да додели еднократна финансиска помош од околу 100 евра по лице со цел да ја поттикне домашната потрошувачка и да ги поддржи малите ресторани и локалните бизниси.
Претседателот Ли Џе Мјунг ги повика граѓаните почесто да јадат надвор од дома како дел од оваа иницијатива, која треба да ја оживее економијата. Вчера, Ли лично вечераше во ресторан во центарот на Сеул за да даде пример и да покаже поддршка на угостителскиот сектор, кој се соочува со намалена побарувачка.
„Се надевам дека граѓаните ќе ги посетуваат локалните ресторани за да ги поддржат овие бизниси, што ќе помогне за заживување на економијата и ќе ја води земјата кон подобра иднина“, порача претседателот преку социјалните мрежи.
Помошта ќе започне да се исплаќа од 21 јули, а нејзиниот износ ќе зависи од приходите на домаќинствата. Дополнително, Ли им наложи на високите државни службеници да преземат мерки за максимално искористување на оваа стимулација, која е дел од поширок пакет економски мерки.