Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро ја критикуваше политиката на Европската унија кон земјите од Западен Балкан, велејќи дека е „дрска навреда“ да се тврди оти Украина е поблиску до членство од држави како Црна Гора и Северна Македонија.
На заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев во Загреб, Милановиќ посочи дека Украина е земја во војна, без дефинирана територија и неспособна за самостојно финансирање. „Тоа што ЕУ ѝ дава приоритет на Украина е цинично и грубо. Со таквиот пристап, не ѝ помагаме, туку ја уништуваме“, рече Милановиќ.
Радев истакна дека не е добар сигнал да се забрзува пристапувањето на Украина само поради геополитичките околности. Во врска со евроинтеграциите на Северна Македонија, тој повтори дека Софија не ја блокира земјата, туку дека Скопје самото се блокира, бидејќи не ги исполнува Копенхашките критериуми, особено во делот на човековите права.
„Три години чекаме да се вклучи бугарското малцинство во Уставот. Тоа е договорено. Немаме дополнителни барања“, рече Радев.
Милановиќ подвлече дека спорот меѓу Софија и Скопје е нивно внатрешно прашање и додаде: „Македонија не е мизерна држава и не треба да мисли дека не може да функционира без ЕУ.“
Хрватскиот претседател, кој во мај годинава беше во официјална посета на Скопје, повтори дека државите од Западен Балкан не треба да се подложуваат на уцени за европско членство.
Двајцата претседатели ја истакнаа и важноста на соработката за безбедноста и стабилноста во регионот на Југоисточна Европа, а Радев најави дека Бугарија ќе ги проучи искуствата на Хрватска во Еврозоната пред своето пристапување на 1 јануари 2026 година.