Американскиот сенатор Линдзи Греам изјави дека во наредните денови се очекува рекорден прилив на оружје за Украина, што, според него, ќе претставува пресвртница во текот на војната со Русија.
„Во наредните денови ќе видите рекорден прилив на оружје за да ѝ се помогне на Украина да се одбрани“, рече републиканскиот сенатор од Јужна Каролина во интервју за Си-Би-Ес.
Греам додаде дека конфликтот се приближува до клучна фаза, особено поради, како што наведе, зголемениот интерес на Доналд Трамп за поддршка на Украина.
„Една од најголемите погрешни пресметки што ги направи Путин е да си игра со Трамп. И само погледнете – во наредните денови и недели ќе има огромен напор да се донесе Путин на преговарачка маса“, изјави Греам.
Иако не се прецизирани детали околу конкретните системи или количини на оружје што ќе бидат испорачани, изјавата доаѓа во период кога западната воена помош се интензивира, а Украина бара засилена поддршка поради засилените руски офанзиви на фронтот.