Грчките власти пријавија три смртни случаи во еден ден на различни локации долж крајбрежјето, во екот на летната туристичка сезона.
Според информациите на „Прототема“, првиот случај е забележан во недела напладне, кога крајбрежната стража во Солун добила пријава за тело на жена пронајдено во морскиот дел на пристаништето. Жртвата, на возраст од околу 50 до 55 години, сè уште не е идентификувана, а не е позната ниту нејзината националност. Централната пристанишна управа на Солун води прелиминарна истрага за случајот.
Неколку часа подоцна, 82-годишен маж бил пронајден во несвест на плажата Плака на островот Тилос. Брзата помош го пренела во болницата Ливади, каде што бил прогласен за мртов. Истиот ден, уште еден маж на 88-годишна возраст бил пронајден во несвест на плажата Микиверна во Полигирос, Халкидики. И за овој случај е во тек истрага за утврдување на причината за смртта.
Грчките власти апелираат до туристите и локалното население да бидат особено внимателни при престојот на плажите и во морето, особено за постарите лица и лицата со здравствени ризици, имајќи ја предвид високата фреквенција на посетители и температурите во текот на летото.