Олмерт предупредува: Планот за „хуманитарен град“ во Газа наликува на концентрационен логор
Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт остро го критикуваше најавениот израелски план за изградба на таканаречен „хуманитарен град“ во јужниот дел на Појасот Газа, предупредувајќи дека таквиот потег би можел да се протолкува како етничко чистење.
„Тоа би бил концентрационен логор. Жал ми е“, изјави Олмерт, додавајќи дека Израел веќе е обвинет за воени злосторства во Газа и на Западниот Брег, но дека овој чекор би значел сериозна ескалација.
Според најавите од израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, планираното населување првично би опфатило 600.000 лица, а со време и целото палестинско население од регионот. Тој веќе наредил изработка на оперативни планови, нагласувајќи дека Палестинците што ќе бидат сместени таму, нема да имаат право да заминат, освен доколку заминат во трети земји.
Олмерт предупредува дека создавање логор за стотици илјади луѓе, без можност за враќање, не може да се толкува поинаку освен како форма на депортација. „Ако тие треба да бидат преселени во нов ‘хуманитарен град’, тогаш тоа неизбежно ќе се смета за етничко чистење“, рече тој.
Сепак, тој нагласува дека досегашната евакуација на цивили од зони на конфликти е во рамки на меѓународното право, особено доколку се дозволи нивно враќање по завршување на воените дејства.
Планот има поддршка од премиерот Бенјамин Нетанјаху, а според израелските медиуми, токму одбивањето на Израел да се повлече од зоната предвидена за кампот е една од главните пречки во разговорите за прекин на огнот.
„Кога градите камп каде што се преселуваат стотици илјади луѓе, перцепцијата не е дека тие се спасени, туку дека се протерани и отфрлени. Јас немам друга перцепција“, рече Олмерт.
Израелската влада тврди дека планот има за цел заштита на цивилите. Сепак, дел од израелската јавност која го споредува проектот со концентрационен логор беше остро критикувана поради историските паралели со нацистичка Германија.