Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, денеска соопшти дека државата ја добила првата прелиминарна техничка студија за можностите за примена на нуклеарна енергија. Во студијата се анализирани различните достапни технологии, при што се разгледуваат и традиционалните нуклеарни централи и малите модуларни реактори.
„Малите модуларни реактори се уште не се целосно технички и технолошки потврдени, бидејќи се во развој. За разлика од нив, традиционалните нуклеарни централи се комерцијално достапни. Сепак, малите модуларни реактори нудат флексибилност, модуларност и пониски инвестициони трошоци“, истакна министерката.
Таа додаде дека денеска во Костолац ќе биде отворена првата мала државна сончева електрана „Петка“, а наскоро ќе заврши и изградбата на ветерниот парк во истиот регион. Двете „зелени“ електрани ќе обезбедат електрична енергија за околу 35.000 домаќинства.
Во однос на студијата за нуклеарната енергија, Ѓедовиќ Хандановиќ посочи дека постои простор за интеграција на нуклеарна енергија во преносниот систем, но дека ова ќе се реализира во долг временски период, проценет на 15 до 20 години.
Таа објасни дека пред почетокот на изградбата на нуклеарен објект, мора да се завршат неколку фази согласно препораките на Меѓународната агенција за атомска енергија. Овие фази траат помеѓу пет и седум години и вклучуваат дополнителни студии и анализи, како и формирање на посебно тело кое ќе ја развива нуклеарната програма.
„Во моментов работиме на формирање на такво тело во рамките на Министерството за рударство и енергетика, во кое ќе учествуваат претставници од научни институти и други релевантни организации“, додаде министерката.
Проценето е дека целиот процес ќе чини околу 30 милиони евра.