Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека и понатаму ќе го поддржува Новак Ѓоковиќ безрезервно, и покрај тоа што тенисерот неодамна јавно изрази поддршка за граѓаните кои учествуваа во блокадите на патиштата за време на политичките протести во Србија.
„Разговарав со Новак вечерта пред да излезе со поддршка за блокадите. Тој ми се јави, но не би споделувал детали од разговорот. Не коментирав тогаш, нема ни сега“, рече Вучиќ за српските медиуми.
Тој додаде дека Ѓоковиќ останува национална икона и личност која ужива огромна почит меѓу српските граѓани.
„Секако дека го поддржувам Новак од сè срце. Тој е легенда на Србија. Може да ги поддржува моите политички противници, може и јавно да зборува против мене — нема да му замерам. Но ако јас кажам нешто лошо за него, тоа би било глупаво и смешно“, истакна претседателот.
Вучиќ потврди дека навивал за Ѓоковиќ и на неговиот последен натпревар против Јаник Синер, нагласувајќи дека политичките разлики нема да ја променат неговата лична поддршка за најдобриот српски спортист.