УТРО.мк

Пожарите беснеат низ државата – активни пет жаришта, сериозна состојба кај Дојран и Велес

Пожарите беснеат низ државата – активни пет жаришта, сериозна состојба кај Дојран и Велес
Vero

Пожарот кај село Николич во општина Дојран, кој неколку дена гори на отворен простор, сè уште не е целосно ставен под контрола. Опасноста од негово проширување кон општина Валандово е реална, а теренот е непристапен, што ја отежнува интервенцијата.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, за ТВ 24 изјави дека пожарот можел да биде спречен навреме доколку се интервенирало со воздушни сили.

„Требаше навреме да се реагира. Пожарот е на непристапно место и имаше потреба од воздушно гасење“, рече Ангов.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека утрово на терен биле испратени екипи на „Национални шуми“, а со механизација се пробиваат планинските патишта за да се обезбеди пристап до огнената линија.

Во моментов на територијата на државата се активни пет пожари од вкупно девет регистрирани во последните 24 часа. Сериозна е и ситуацијата во општина Велес, каде што гори мешана шума меѓу селата Џидимирци и Крушје. И овој пожар се наоѓа на непристапен терен, а го гаснат пожарникари од Скопје и Велес.

Голем пожар вчера зафати и три куќи во скопската населба Злокуќани. Според Центарот за управување со кризи, огнот започнал во една куќа, но поради силниот ветер и сувата вегетација брзо се проширил и зафатил уште две соседни куќи.

На терен веднаш интервенирале екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, а по наредба на надлежните, заради безбедност, била исклучена електричната енергија на нисконапонската мрежа. Во пожарот повредени се две лица.

Според податоците на ЦУК, од 1 до 14 јули годинава се регистрирани 411 пожари на отворен простор. Институциите апелираат на крајна внимателност и навремено пријавување на секое сомнително движење или чад.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран