Турската компанија „Казанџи Груп“ разгледува неколку потенцијални локации во Скопје, Тетово и Куманово за изградба на гасни централи, информираше премиерот Христијан Мицкоски. Според него, процесот на преговори со инвеститорот продолжува откако веќе е потпишан Меморандум за соработка.
„Во игра се неколку локации – во Скопје се разгледуваат повеќе можности, исто така и Куманово и Тетово се сериозни опции. Паралелно, разгледуваме и други градови, како Гостивар и други поголеми урбани средини“, изјави Мицкоски, додавајќи дека со затворањето на прашањето за затоплување во Битола, преку проектот за топлификација од РЕК Битола, фокусот се префрла на нови центри.
Премиерот најави дека Владата е во напредна фаза на разговори и со други странски инвеститори, со цел проширување на проектите за гасификација и енергетска диверзификација во земјата.
„Покрај „Казанџи“, веќе сме во преговори со уште неколку потенцијални инвеститори за овој тип на енергетски капацитети. Во следниот период ќе се разгледуваат и локации во Прилеп, Велес, Штип, Струмица, Кавадарци и други градови“, посочи Мицкоски.
Гасните централи се дел од поширокиот план за обезбедување поефикасно, еколошки почисто и поодржливо затоплување на градовите во земјава.