Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претставници на Светска банка, на која се разгледуваа нови можности за унапредување на енергетскиот сектор во земјава.

Фокусот на разговорите бил ставен на забрзувањето на енергетската транзиција, изградба на модерна инфраструктура и реализација на долгорочни проекти со јасно дефинирани и мерливи резултати. Еден од клучните елементи на дискусијата бил новиот механизам наречен „Програма за резултати“, преку кој, како што потенцираше Божиновска, ќе може да се реализираат суштински реформи и проекти што директно ќе влијаат на квалитетот на живот на граѓаните.

Дополнително, беше отворена и темата за нов проект за енергетска ефикасност во домаќинствата, кој треба да овозможи значително намалување на трошоците за енергија и подобрување на условите за живеење.
„Од наша страна предложивме конкретни идеи за идна соработка – поддршката што ја добивме од Светска банка е целосна и безрезервна“, изјави Божиновска, нагласувајќи дека ова партнерство е клучно за успешна зелена транзиција.
Министерката најави дека соработката со Светска банка ќе продолжи со исто темпо и дека институциите ќе работат чекор по чекор кон почиста, поефикасна и посигурна енергетска иднина за Македонија.