Заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, од Дубровник испрати јасна порака дека земјите членки на НАТО мора правично да го делат товарот кога станува збор за одбранбените трошоци, со цел сојузот да остане силен, обединет и подготвен да одврати било каква агресија.
„Самитот на НАТО беше историски. Го зајакна и трансформираше сојузот. Целта ни беше да создадеме пофер систем за споделување на обврските, но и поефикасен механизам за одвраќање закани. Сите 32 сојузници се согласија дека Русија и тероризмот остануваат најголемите закани за евроатлантската безбедност“, истакна Шекеринска во разговор за ХРТ.
Таа нагласи дека вложувањето во безбедноста на Украина директно е поврзано со безбедноста на сите членки на НАТО. „Некои го нарекоа тоа првата линија на одбрана. Ако ја поддржуваме Украина, инвестираме во нашата безбедност“, рече таа.
НАТО-земјите се согласија на амбициозна цел – издвојување од 5% од одбранбениот буџет за модернизација, набавка на вооружување, обука на војските и развој на стратегија. „Не е доволно само да имаме пари. Мора да покажеме дека сме способни да дејствуваме“, додаде Шекеринска.
Во однос на воената помош за Украина, таа истакна дека сојузниците веќе ја надминале лани ветената поддршка, обезбедувајќи повеќе од 50 милијарди евра. Воената поддршка од САД, според неа, е клучна, но и другите земји ја зголемуваат својата улога. „Таа помош не е симболична – таа ја зајакнува и нашата индустрија, нашата одбрана, нашата иднина“, нагласи Шекеринска.
На прашањето за можните мировни преговори, таа одговори: „Јасно е дека Русија не е заинтересирана за примирје. Ги поддржуваме сите дипломатски иницијативи, но додека траат нападите врз цивили и инфраструктура, мора да продолжиме со поддршката на Украина“.
Шекеринска заклучи дека НАТО, со новите одлуки, покажал единство и решителност: „Трансатлантското единство не се само зборови. Тоа бара конкретни дела, обврски и споделена одговорност“.