УТРО.мк

Во Ирска започна ископување на масовна гробница со останки од 800 бебиња

Во Ирска започна ископување на масовна гробница со останки од 800 бебиња
Vero

Во ирскиот град Тјум, округ Голуеј, започна ископување на масовна и необележана гробница за која се верува дека содржи останки од околу 800 бебиња. Гробницата потекнува од периодот меѓу 1925 и 1961 година, кога калуѓерки од редот „Бон Секур“ ги закопувале новороденчињата починати во институцијата за мајки и деца „Света Марија“.

Според „Гардијан“, дел од децата биле погребани без евиденција, во напуштен подземен септичен резервоар, на површина од околу 5.000 квадратни метри. Домот бил прибежиште за невенчани мајки и нивните деца, кои живееле во услови на сиромаштија и социјална стигматизација.

Ископувањата, кои ќе траат две години, се дел од напорите на Ирска да се соочи со историските злоупотреби во верски и државни установи. Историчарката Кетрин Корлес, која го покрена случајот со откривањето на 796 смртници, изјави дека чувствува олеснување по почетокот на работите.

Ископувањата ги води тим од 18 експерти од неколку земји, предводени од Даниел Максвини, поранешен претставник на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Целта е ексхумација и можна идентификација на останките, кои ќе бидат вратени на семејствата за достоен погреб.

Процесот се одвива според форензички стандарди, со обврска секој доказ за насилна смрт веднаш да се пријави. Поради подземни води и сложен терен, се користи специјална опрема и на самото место е поставена лабораторија за анализа. Некои семејства веќе доставиле ДНК примероци.

Домот „Света Марија“ бил затворен во 1961 година, а на негово место подоцна е изградена станбена населба. Ирската држава, според извештаите, со децении ги игнорирала нехуманите услови во установата.

Корлес изрази надеж дека барем дел од останките ќе можат да бидат идентификувани и додаде дека тимот е целосно посветен на откривање на вистината.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран