УТРО.мк

Овие европски држави најсилно ќе ги почувствуваат царините на Трамп

Овие европски држави најсилно ќе ги почувствуваат царините на Трамп
Vero

Најавените 30% американски царини кон Европската Унија од страна на претседателот Доналд Трамп предизвикуваат сериозна загриженост меѓу европските економии, особено кај оние кои имаат најголем трговски суфицит со САД. Иако последиците нема рамномерно да ги почувствуваат сите членки на ЕУ, некои земји – како Ирска и Германија – би можеле да се најдат на првата линија на удар.

Ирска – во центарот на економската бурa

Ирска е најранлива членка на ЕУ во евентуалниот трговски судир со САД, со суфицит од 86,7 милијарди долари. Главна причина за ова е присуството на големите американски фармацевтски компании (Pfizer, Eli Lilly, Johnson & Johnson), кои ги користат поволностите на ирскиот корпоративен данок од 15%, далеку пониско од американските 21%. Производите од Иралска, патентирани и регистрирани таму, потоа се продаваат во САД по значително повисоки цени, особено во фармацевтскиот сектор кој сочинува 22,5% од вкупниот извоз на ЕУ во САД.

Германија – автомобилите и индустријата на удар

Најголемата економија на ЕУ, Германија, има трговски суфицит со САД од 84,8 милијарди долари, пред сè благодарение на автомобилската индустрија, машините, хемикалиите и челикот. Само Mercedes Benz остварува 23% од своите приходи преку американскиот пазар. Иако дел од SUV моделите се произведуваат во САД за американски потрошувачи, евентуалниот одговор на ЕУ со контра-мерки би можел да го загрози овој бизнис. Федерацијата на германските индустрии (BDI) веќе повика на итен дијалог меѓу ЕУ и САД за избегнување на ескалација.

Италија, Франција и Шпанија во вториот ред на ризик

Италија (44 милијарди долари суфицит) и Франција (16,4 милијарди долари) се со помала изложеност, но имаат чувствителни сектори како храна, вино, сирења и луксузни производи кои би претрпеле значителни штети. Францускиот синдикат FNSEA предупреди дека 30% царини би биле „катастрофа“ за извозот на вино и жестоки пијалаци. Италијанската земјоделска асоцијација Coldiretti проценува дека последиците би чинеле околу 2,3 милијарди долари и за италијанските производители и за американските потрошувачи.

Автомобилскиот сектор, особено производителите како Fiat и Peugeot, веќе ги ревидираат своите прогнози за годинава поради трговската неизвесност. Дополнително, француските гиганти како LVMH и Airbus, кои голем дел од својата продажба ја остваруваат во САД, би се соочиле со значителни губитоци.

ЕУ подготвена за одговор, но предупредува на последици

Иако официјален Брисел се уште не објави конкретни контра-мерки, расте загриженоста дека воведувањето на вакви царини би можело да предизвика нова трговска војна, со штетни ефекти за двете страни. Со оглед на тоа што ЕУ веќе има суфицит од 235,6 милијарди долари со САД – втор најголем по оној со Кина – трговската рамнотежа и идните економски односи се на крстопат.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран