Една година по обидот за атентат во Пенсилванија, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште ги носи и физичките и психолошките последици од настанот кој му го промени животот и политичката кариера.
Додека зборуваше на прославата на 250-годишнината од независноста на САД во Ајова, Трамп накратко застана откако се слушнаа пукотници во далечина. „Само се надевам дека се огномети… Последни славни зборови,“ рече Трамп со насмевка, но зад таа шега стоеше длабоко лично сеќавање на денот кога метак му го окржа увото, а еден поддржувач беше убиен.
По нападот, Трамп се појави на републиканската конвенција со повез на главата, што стана симбол на неговиот политички „воскрес“. Џо Бајден се повлече од изборната трка, а Камала Харис ја презеде кандидатурата кај демократите.
Иако блиските соработници велат дека „тој и натаму е Трамп“, забележуваат и промени – повеќе благодарност, повеќе внимание и поголема отвореност за верата. „Верува дека Бог му дал нова шанса, и дека сега има мисија да ја искористи,“ изјави неговата шефица на кабинет, Сузи Вајлс.
Сенаторот Линдзи Греем додава: „Не стана монах, но е повнимателен. Ми прати порака за роденден – првпат во животот.“
Трамп не бега од траумата – ја истакнува. На влезот во резиденцијалниот дел на Белата куќа виси слика на која тој, со крвава глава, ја крева тупаницата велејќи „Борба, борба, борба“. Во Овалната соба има бронзена скулптура од истиот момент.
И покрај болката што понекогаш ја чувствува во увото, Трамп вели дека се чувствува посилен и со уште поголема одговорност. „Спасен сум. И тоа не без причина. Верувам дека ми е дадена втора шанса – да ја поправам оваа земја,“ рече тој за „Фокс њуз“.
Претседателот на Советот за вера и слобода, Ралф Рид, вели: „Кога народот го виде крвав, но исправен, тоа не беше политика – тоа беше карактер.“
За одбележување на годишнината од нападот, Трамп нема да одржи говор. Наместо тоа, ќе присуствува на финалето на Светското клупско фудбалско првенство во Њу Џерси.