Телевизискиот канал „Ал Џезира Балканс“ денеска престана со емитување, а последното издание на вестите беше прикажано напладне од централното студио во Сараево. Водителот на крајот од емисијата накратко потврди дека тоа е последната вест од АЈБ.
На социјалните мрежи, бројни новинари и вработени емотивно се збогуваа со колегите и публиката, потврдувајќи го затворањето на каналот кој беше препознатлив по регионалниот пристап, сериозниот новинарски тон и поврзаноста со глобалната мрежа на „Ал Џезира Медиа Нетворк“.
Ал Џезира Балканс започна со работа во септември 2010 година, кога катарскиот медиумски концерн ја презеде локалната телевизија НТВ Студио 99. Редовното емитување започна на 11 ноември 2011 година, а веб-порталот беше лансиран истиот ден.
Со студио во Сараево и регионални центри во Скопје, Белград, Загреб и Подгорица, АЈБ беше првиот ТВ-канал на Балканот кој емитуваше исклучиво на босански, српски и хрватски јазик во рамки на интернационална новинарска мрежа.
Во 2018 година го основа и сопствениот фестивал на документарен филм, кој секоја година се одржуваше во Сараево, носејќи авторски продукции од целиот свет.
Иако затворањето е јавно потврдено преку вработените, „Ал Џезира Балканс“ сè уште официјално не ги соопшти причините за прекинот на програмата.