Во морскиот дел југозападно од грчкиот остров Закинтос утринава е регистриран земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала. Според информациите на дописничката на МИА од Атина, засега нема пријавени повредени лица ниту причинета материјална штета.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција, Ефтимиос Лекас, за државната телевизија ЕРТ изјави дека нема причина за загриженост, бидејќи потресот бил во подводниот дел од регионот. Тој додаде дека дури и при посилни земјотреси во оваа област, најчесто не доаѓа до сериозни последици.
По првиот потрес следеле неколку послаби афтершокови со интензитет меѓу 2,2 и 2,8 степени. Сеизмолозите продолжуваат да ја следат состојбата.