Анкара, 13 јули – Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што синоќа околу 22 часот избувна во висока станбена зграда во квартот Чанкаја, во турската престолнина Анкара.
Пожарот започнал на четвртиот кат од 26-катната зграда и за многу кратко време се проширил кон горните катови. Интервенирале бројни екипи на противпожарната служба, кои се бореле со огнената стихија речиси четири часа, по што успеале целосно да го стават под контрола.
Според државниот медиум ТРТ, 26 лица се повредени, од кои 20 се пренесени во болниците Анкара Билкент, Етлик и клиниката на Медицинскиот факултет при Универзитетот Гази. Едно лице е во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, меѓу кои и седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош на лице место.
Турските власти веднаш отворија истрага за причините за пожарот, кој предизвика шок и тага кај граѓаните низ целата земја.